myGov, Medicare и апликации за финансии

Од неделни покупки, до плаќање сметки или поднесување барање кај Medicare, апликациите помагаат речиси сѐ да се прави полесно.

Научете како да пристапувате до владини услуги како што е Medicare, вршете банкарски трансакции, плаќања и добивајте ја дома храната и покупките - сѐ преку апликација.

Пред да почнете

Направете си го животот полесен

Во голем број апликации што се споменуваат во овој курс ќе треба да внесете важни лични податоци, како што се банкарски детали или документи за идентификација. Користите ги овие апликации само кога сте поврзани на домашна Wi-Fi мрежа или на мрежа за мобилни податоци. Никогаш не користете ги на јавни Wi-Fi мрежи. Исто така, треба да имате на ум дека некој што се наоѓа зад вас може да го гледа вашиот екран.

Апликации за Medicare и владини услуги

Порано, за да добиете пристап до услуги од Medicare требаше да посетите владина канцеларија, но сега можете да користите апликација:

  • преземете ја официјалната апликација на Medicare (Medicare app) од официјалната продавница за вашиот уред.
  • можете да поднесувате барања и да проверувате одредени здравствени записи користејќи ја апликацијата на Medicare.
  • поставете ја апликацијата користејќи ја вашата сметка на myGov (myGov account).

Други апликации за владини услуги се засноваат на држава (на пр., ServiceNSW и Service Victoria). Можете да користите апликации на владини услуги за:

  • да складирате документи за идентификација (ID), како на пример, дигитална копија од вашата возачка дозвола (driver licence).
  • да добивате информации за ваучери, настани и природни непогоди.
  • да управувате со регистрацијата (rego) на вашето возило.
  • да го проверувате статусот на возачката дозвола.
  • да видите дали имате казнени поени (demerit points).

Ако имате некаков проблем или прашање, секогаш можете да ја повикате Medicare на 132011, или владината услуга во вашата држава и да разговарате со некого за да ви помогне.

Ако престанете да користите некоја апликација или ако не ви се допаѓа, треба да ја деинсталирате од уредот, за да ја спречите да продолжи да пристапува до вашите лични податоци, и сите дозволи што сте ѝ ги дале на апликацијата ќе се отповикаат.

Банкарски апликации

Можете да ја користите официјалната апликација на вашата банка, за да пристапувате до вашите пари додека сте во движење. Речиси сите банки денес имаат апликација, па повикајте ја вашата банка за да видите дали има достапна апликација. Можете да ја користите апликацијата на вашата банка за:

  • да ги проверите салдата (balances) на вашите сметки
  • да префрлате пари (Move money) помеѓу сметките
  • да плаќате сметки преку BPAY
  • да им праќате пари на други лица користејќи BSB/број на сметка (BSB/account number) или PayID
  • да ја направите вашата банкарска апликација безбедна користејќи го вашиот отпечаток од прст (fingerprint) или отпечаток од лице (FaceID)
  • да ја повикувате банката директно од апликацијата.

Апликации за плаќање

Можете да користите апликации за плаќање како алтернатива за вашата главна банкарска сметка, особено кога вршите мали плаќања. Тоа може да биде едноставно како да користите готовина, но со безбедност на апликација.

  • PayPal е апликација за вршење мали плаќања и купување производи електронски.
  • Можете да му пратите пари на некој пријател користејќи ја PayPal и само неговата/нејзината адреса на е-пошта.
  • Апликацијата Splitwise ви помага да ги поделите трошоците во ресторан или додека сте на одмор.
  • Кога внесувате износи во Splitwise, таа автоматски го пресметува износот што секој во групата треба да го плати.

За да поставите и користите апликации за плаќање треба да минете неколку чекори. Можете да дознаете повеќе за услугите зад овие апликации во курсот Како да вршите електронски плаќања (How to pay online).

Апликации на супермаркети

Можете да користите апликација за да нарачате покупки од супермаркет и да побарате да ви ги подготват да ги земете или да ви ги испорачаат дома:

  • апликациите на супермаркети ви овозможуваат да купувате користејќи го вашиот уред.
  • допрете ги производите за да ги додадете во кошничката, а потоа изберете датум и време за испорака.
  • исто така, можете да побарате да ви ги подготват производите и да ви ги натоварат директно во возилото или да ги стават во количка на касата ако не користите возило.
  • некои апликации на супермаркети вклучуваат специјален неделен каталог, за да можете да купите производи со специјални цени.
  • времето на испорака вообичаено е следниот ден, но можете да платите дополнително за испорака за два часа.
  • прашајте во вашиот локален супермаркет која апликација ви треба за да купувате во тој супермаркет.

Апликации за испорака на храна

Можете да користите апликација за да добивате испорака на храна од вашиот омилен локален ресторан:

  • примерите ги вклучуваат Uber Eats и DoorDash.
  • изберете го омилениот ресторан во апликацијата и нарачајте храна.
  • возачот ќе ви ја донесе нарачаната храна пред вашата врата за кратко време, или вие можете да го одредите времето.
  • апликацијата ви наплаќа такса за услуга, вообичаено 1,5% и такса за испорака врз основа на оддалеченоста, што се движи од 3-8$.
  • откако ќе ја употребите неколкупати, апликацијата за испорака ќе почне да ви дава препораки за нови ресторани врз основа на вашите претходни нарачки.